Menu Close

Спасени по благодат / Saved by Grace

  

Проф. Роберт Д. Декер

Дали сте спасени? Тоа е најважното прашање во животот. Да се каже дека опстојуваме во застрашувачки времиња е потценување. Живееме во време какво светот до сега не видел. Ова е време кога темелите се тресат. Време на сеопшто беззаконие кое се манифестира преку страшно бунтовништво и крвопролевање. Нашите градови не се безбедни. Нема почит кон закон и ред. Целата структура на нашата модерна, просветлена цивилизација е на работ на тотален колапс.

И на секаде човекот бара одговори. Проблемот е што луѓето бараат на погрешни патишта и од погрешни извори. Луѓето одбиваат да се соочат со фактите дека коренот на сиот овој глобален ужас е гревот. Гревот против живиот Бог на небото и земјата кој нема да го оправда и игнорира гревот, туку ќе изврши освета и свет гнев врз сите што чинат злодела. Одбивајќи да се соочат со Бог, човекот бара во себе утеха, мир и надеж во овој проблематичен свет. Нема никогаш да ја пронајде. Неговиот крај ќе биде целосен очај и пекол.

Библијата го има одговорот, а тој одговор е Спасението од гревот и смртта на Исус Христос преку благодатта Божја! Тие кои се спасени по благодат преку вера како дар од Бога не се вознемирени од ужасните настани на денот. Тие ги гледаат овие нешта и се радуваат. Се радуваат зашто знаат дека преку сите овие настани Исус за кратко ќе дојде повторно да го оствари спасението кое го откупи за нив за во славата на новото небо и новата земја. И тие имаат утеха, мир и надеж!

И во суштина ова е пораката на овој краток напис која сакаме да ви ја пренесеме. Преземена е од Ефесјаните 2:8, каде пишува: “Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји!“

Треба да го забележиме на самиот почеток тој малечок збор “Зашто“. “Зашто“ значи “со причина“ и индицира дека овој текст е причина за нешто, објаснение на тоа што Апостолот Павле го кажа веднаш во претходната реченица.

Тоа значи дека оваа изјава не стои сама за себе. Не е изолирана вистина која никој не може да ја прифати или отфрли без значајни последици на останатата содржина на неговата вера. ЗАШТО по благодат сте спасени… спасението е по благодат и само по благодат. И тоа е незаменливата основа без која уште нешто друго не може да опстане. Отфрлањето на вистината за спасението по благодат значи дека се уништува самиот темел на вистинитоста на Божјото Слово.

Со таа цел е напишано во стих 7-ми: “за [Бог] да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус.“ Учиме од претходните стихови дека сме мртви во престапите и гревовите, дека во овие гревови го следиме ѓаволот, дека живеевме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите. Така по природа бевме чеда на гневот. Но Бог е богат со милост со голема љубов кон нас. Иако бевме мртви поради гревовите наши, во Својата љубов нѐ оживеа во Христос и нѐ воскресна со Него и нѐ постави на небесата во Христос Исус. Сѐ со цел преку спасението да го покаже изобилството на Својата благодат. Со други зборови, Бог не спаси токму за да го прикаже богатството на Својата благодат. И ова е возможно само затоа што спасението е преку благодат! Тука го ставивме нашиот фокус право во сржта на пораката во светото евангелие. Порака која убаво е сумирана од Апостолот Павле во Римјаните 11:36: “Зашто, сѐ е од Него, според Него и за Него. Нему слава во вечни векови. Амин!“

Насочувајќи го нашето внимание кон следниот текст, забележуваме дека ги тврди овие три нешта во врска со спасението: спасението е по благодат, преку вера и тоа е дар Божји. Накратко да ги разгледаме овие мисли.

Спасението е по благодат. Што е спасение? Моментално популарна идеа за спасение е дека тоа претставува општествено и морално подобрување. Исус не е Спасител во смисла дека страдаше и умре на крстот за да не искупи и доведе помирување за гревовите на Божјите чеда. Исус, како што велат, е наш пример. Тој ни покажа во Својот живот како да живееме во мир со сите луѓе, како да оствариме човечко братство по родителската грижа на Бог Отецот. Кога луѓето само би ги следеле овие едноставни примери на Исус, би имало мир на земјата и сите проблеми би исчезнале, Царството Божјо би завладеало и сите луѓе насекаде би живееле добар живот. Ќе препознаете дека ова е ништо друго туку старото социјално евангелие кое преовладува денес како што било и порано. Црквата е поитана да навлезе во световните нешта и преземе мерки против расни односи, загадување, пренаселеност, демографски политики, војна и многу други нешта. Црквата не смее да проповеда духовно евангелие за спасение преку крвта на Јагнето кое ги одзема гревовите на светот. Ова НЕ е спасение. И проповедта на ваквото евангелие не е проповед на евангелието на Исус Христос според непогрешливото Свето Писмо. Ниту може ваквото проповедање да го изроди скапоцениот плод на утеха, мир и надеж за луѓето на Бога.

Спасението во Библиска смисла е многу богат концепт. Изразот користен во нашиот текст буквално значи: да исцели, да излечи. Тоа е нешто што се користи како референца за лечењето на разни смртоносни болести кое ги правеше Исус. Во духовна смисла, идејата е дека сме излечени од смртоносната болест на гревот и нашето духовно здравје е обновено. Исто така значи: спас од пеколот каде Божјиот гнев силно гори засекогаш.

Тоа значи дека спасението содржи два суштествени елементи: 1) тоа е избавување од најдлабоката несреќа, и 2) тоа е издигање во највисока слава.

Ова е очигледно од самиот контекст во кој го наоѓаме ова Слово Божјо. Павле го започнува поглавјето кажувајќи ни дека сме мртви во гревовите и престапите, одвоени од благодатта Божја. Пресудата веќе изречена на нашите предци во рајската градина е спроведена: “зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.“ Тие јадеа од забранетата овошка и така се побунија против Бога, веднаш умирајќи, а и ние со нив. Родени сме мртви во гревот. Се што можеме да правиме е да грешиме. Го мразиме Бог и нашиот ближен. Живееме и одиме по проклетствата на овој свет, по волјата на кнезот на воздухот, духот кој дејствува во синовите на неверието. Мртви во гревовите и престапите, живееме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа сме како и другите, чеда на гневот.

Ова е нашата мизерија! Духовна смрт! И што се однесува до нас, надеж нема! Не можеме да се спасиме самите себе, дури не можеме ни да посакаме да се спасиме самите себе, а не пак да преземеме нешто. Ништо подобро отколку што може еден мртов леш да се исправи од гробот. Бог нѐ избавува и спасува од најдлабоката несреќа.

И така сме издигнати на највисока слава! Во контекст на нештата, ние сме обновени во Исус Христос. Ние кои сме по природа духовно мртви сме оживеани во Христа – тоа е нашето спасение. Не само тоа, туку и сме издигнати во највисока слава во рајските места со Христос Исус… ТОА е спасение.

Како ова спасение е остварено? Да се обратам лично, како сум јас спасен? Библијата одговара: “По благодат“!

Благодатта има различни значења во Библијата. Има свое суштествено значење како “убавина“. Понекогаш се преведува како “благодарност“. Но најчесто се користи во смисла на незаслужена милост од Бога дадена на Неговите луѓе во Христа, преку чија моќ Тој ги спасува. Тоа е очигледното значење на текстот.

Благодатта е, мора да забележиме, најпрво својство на Бога, карактеристика на Неговото Битие. Бог е Богот на сета благодат. Тој е милостив Бог. Бог е Самиот убав, убав во сите Негови доблести. Тоа значи кога Библијата кажува во овој текст дека спасението е по благодат, исто е како да кажува дека спасението е од Господа. Колку е само ова неопходно! Како би можел поинаку некој мртов и изгубен грешник да се спаси ако не од раката на Семоќниот Бог? Ако Бог Самиот не всади нов живот во нас, ние би останале мртви и засекогаш поробени од гревот.

Тоа е убавината и утехата на евангелието! Бог сака да не оживее со моќта на Неговата прекрасна благодат. Бог кој е богат со милост поради Неговата голема љубов, со истата љубов предодреди да нѐ направи убави со Сопствената убавина.

По благодат затоа нѐ одбра во Христа уште пред да ги постави темелите на светот, како би биле свети и без вина пред Него. По благодат нѐ предодреди за посвојување како чеда преку Исус Христос. Сето ова како што Тој милуваше по Своја волја. И ова е целта за неговиот дарежлив избор на Неговите луѓе во Христа, “за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нѐ дарува преку Својот Возљубен Син“. Така Светото Писмо сведочи во Ефесјаните 1:3-6. По благодат сте спасени, та дури и пред создавањето на светот.

По благодат Бог го прати Својот единороден Син во светот да го бара и пронајде тоа што е изгубено. Немаше друг начин. Ние сме паднати грешници и праведноста Божја мора да се задоволи. А тоа задоволување може да се исполни само преку Неговиот Син, вистинскиот Бог и Човек преку заменска жртва за искупување на гревовите на другите. Преку благодат Бог го даде Својот Син да умре на крстот. Преку благодат Тој го истури сиот Свој свет гнев врз Него, праќајќи го до самите длабочини на пеколот, кога извика, “Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ Искупувањето беше за нас. Преку пролевањето на Неговата крв ние сме оправдани, простени за гревовите. Сето ова е од богатството на Неговата благодат (Ефес. 1:7)!

Следствено, по благодат чедата Божји се помирени преку смртта на Синот Божји. Тие сега стојат пред Бога праведни, засекогаш слободни од вината на гревот и достојни за вечен живот. Токму таа е причината зошто во текстот стои “вие СТЕ спасени.“ Спасението на светците Божји е завршено. Се сврши. Тие се во овој момент спасени и засекогаш ќе бидат така. Божјата праведност е засекогаш задоволена. Се по благодат!

Сега се прашуваш, но како ова спасение заслужено од Христос на крстот ќе се пренесе на мое име? Многу што проповедаат ќе ти речат, мора да веруваш во Господ Исус Христос. Тоа е во суштина точно. Секако Библијата јасно прикажува дека не постои спасение надвор од верата во Исус Христос. Но тоа што можеби го мислат е дека треба да ја прифатиш искрената понуда на евангелието. Бог ги сака сите луѓе, велат. По благодат Тој обезбеди спасение за сите луѓе преку Неговиот Син на крстот. И откако се спакува тоа спасение во убав пакет, Бог вели да го прифатиме Неговиот дар за да се спасиме. Но така спасението престанува да биде целосно по благодат, туку делумно по благодат и делумно по делата човечки кои мора да го прифатат. И многу проповедници ќе ја премолуваат и набедуваат (го користам тој термин намерно! – со значење дека ја мамат!) својата публика со силни емотивни повици за верување и прифаќање на Христа и понуденото спасение. Ако ова е твојот одговор на прашањето “како да добијам спасение“, тогаш те сожалувам! Те сожалувам бидејќи ја изгуби сета утеха на евангелието. Ако морам да ја прифатам понудата, ако воопшто морам воопшто нешто да направам за своето спасение јас сум вечно изгубен. Го знам ова од сопствено искуство. Моето искуство ми кажува секојдневно, јас сум незаслужен грешник, мртов во престап и грев.

Фала му на Бога за утехата, мирот и надежта која ме храбри преку пораката на евангелието, “Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји!“

Спасението е примено од грешникот, не, треба да кажеме дека е дадено на грешникот преку вера. ПРЕКУ ВЕРА, разбирате! Верата начинот преку кој Бог ни дава спасение. Не е предуслов за спасение кој мора да го исполниме. Не е чин кој мора да го направиме како Бог би не спасил. Верата е жива врска меѓу Божјите луѓе и Христос. Тоа е врската меѓу нас и Христос, преку кого Бог ги прави сите благослови за спасение, преку Христа тие доаѓаат до нас. Преку вера сме обединети со Христос и живееме од Него исто како ластарите што живеат од стеблото (спореди со Јован 15).

Преку вера го сознаваме Бога. Тоа не е обично интелектуално знаење од умот, туку духовно спознание во срцето, кое според Јован 17:3 е живот вечен. Знаењето по кое го сознаваме Бога како наш Господ, Бог кој нѐ сака во овој живот и кој еден ден ќе нѐ спаси во небеска слава. Заедно со тоа знаење вкоренето во верата е и уверувањето дека сето ова е вистина и за мене лично. Преку вера имам силно убедување дека Исус умре за мене и дека сум спасен по благодат преку вера! Преку вера кажувам дека јас не припаѓам на себе туку припаѓам и во живот и смрт на мојот верен Спасител Исус Христос. Јас му припаѓам во живот, овој живот, во дваесеттиот век со целата фрустрација, страв и анксиозност. И му припаѓам на Христа исто и во смртта. Кога ладните раце на смртта ќе ме прегрнат, јас нема да бидам сам. Исус ќе биди со мене низ долината на смртната сенка да ме утеши и ме прими во домот на Мојот Отец каде има многу места за живеење!

Да, пријателе христијанин, ти си спасен по благодат преку вера! И тоа не е по твоја заслуга, туку дар Божји! Ти не го заработи своето спасение, ниту си го посакал некогаш. Тоа не е дело на твоите раце, ниту дело на твојата вера. Тоа е дар Божји. Спасението по благодат е дар од Бога, спасението по благодат преку вера е дар од Господа! Тоа е бесплатен, незаслужен, незаработен подарок од Семоќниот Бог!

Дали си ТИ спасен по благодат преку вера? Словото Божјо не е само обична презентација на објективни учења. Тоа не кажува спасението е по благодат преку вера и тоа е дар Божји. Внимавај, по благодат СТЕ (веќе) спасени… Дали тоа Бог ти го кажува тебе лично? Дали си избран во Христа, помирен со Бога преку Неговата смрт, соединето со Него преку вера? Да те прашам: “Дали си грешник?“ Дали се познаваш себеси како празен сад, мртов во престапи и гревови? Тоа е плод на Светиот Дух во тебе.

Не очајувај, не се плаши, туку радувај се и биди среќен! Бегај кон крстот Христов и погледни ја таму крвта на Тој што умре за тебе. Оди кај празната гробница на Јосиф и погледни како Тој воскресна како победник врз смртта. Погледни кон небесата и очекувај го својот Спасител – Тој наскоро доаѓа повторно, а и Неговата награда за тебе е со Него. Имаш утеха, мир и надеж. Утеха во спасението по благодат, мир преку простувањето по благодат, и надеж за живот вечен по благодат.

Дали го знаеш ова? Тогаш повтори ги зборовите на Апостолот Павле, “а мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос“ (Гал. 6:14). Нема место за фалби. Спасението е целосно по благодат. Но тоа исто така значи дека секоја основа за очај е отстранета. Вечниот и верен Бог нема никогаш да потфрли! Слава Нему, на Кого, преку Кого и за Кого се сите нешта!

Ова не се мои зборови, туку благословеното евангелие на Исус Христос.

За повеќе материјали на македонски, кликнете овде.

Show Buttons
Hide Buttons