Преч. Ангус Стјуарт
Доктриналната рамка која ни ја дава Светото Писмо е неопходна за правилно да ја разбереме пандемијата од коронавирусот. Христијанскиот светоглед му дава смисла на КОВИД-19 давајќи ни утеха и мир во Господ Исус Христос во овие несигурни времиња. Во овој краток напис ќе разгледаме како појавата на коронавирусот припаѓа во шесте глави на библиските учења (донекаде со поинаков распоред): 1) Бог, 2) човек, 3) Христос, 4) Последните времиња, 5) Црквата и 6) Спасението. Затоа не се плаши и не се вознемирувај!
1) БОГ – Вистинскиот жив Бог е бескраен, вечен и непроменлив во Својата мудрост, моќ, љубов, верност, светост и праведност. Како таков, Севишниот е единствениот Создавател, универзален Владетел и врховен Судија. Тој е апсолутен суверен, “Оној Кој врши сѐ според волјата Своја“ (Ефес. 1:11) – вклучувајќи го и коронавирусот – затоа што “нема никој што би можел да се противи на раката Негова и да му рече: што правиш?“ (Дан. 4:32).
2) ЧОВЕК – За разлика од ангелите, луѓето имаат физичко тело, вклучувајќи и плуќа, кои се посебно под напад на КОВИД-19. За разлика од животните, човекот поседува дух кој не престанува да постои по смртта како кај кучињата (Проп. 12:7), што е спротивно на митот на еволуционизмот во кого милиони бараат лажна утеха.
Преку падот на Адам, нашиот претставник и глава, целата човечка раса, со исклучок на Христос, е зачната и родена во грев и со целосно расипана природа (Рим. 3:10-18, 5:12-21). Како рационални и морални суштества луѓето имаат совест (Рим. 2:15), чувство за добро и зло, како и страв од смрт и Божји суд (Евр. 2:15). Ова е причината зошто толку неверници се преплашени од пандемијата.
3) ХРИСТОС – Како Син Божји и Син Човечки, нашиот Господ Исус е целосно Бог и целосно човек. Преку Неговата совршена покорност, безгрешен живот и искупителна смрт, нашиот Спасител “господари и над мртвите, и над живите“ (Рим. 14:9). Распнатиот и воскреснат Христос е сега устоличен во небесата, извршувајќи ги вечните Божји декрети, владеејќи врз сите нешта преку Својата промисла.
Тој е Јагнето кое, по Својата егзалтација, ја прими книгата од рацете на Тројниот Бог и ги отвори седумте печати, вклучувајќи го и четвртиот печат – сив коњ (Откр. 5:6). Неговиот јавач, Смртта, употребува четири ужасни начини да ги ништи луѓето: војна, глад, диви ѕверки и чуми, вклучувајќи го и коронавирусот (Откр. 6:8, спореди со Езек. 14:21).
4) ПОСЛЕДНИТЕ ВРЕМИЊА – Господ Исус ни ги набројува некои од знаците на Неговото повторно доаѓање во Матеј 24:7: “ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на разни места ќе има глад, помор и потреси“ (сп. со Лука 21:10-11). Чумата на КОВИД-19 секако се совпаѓа со “на разни места“, како што се Кина, Италија, Иран, Шпанија, САД, Германија, С. Кореа и навистина речиси секоја држава на земјата.
Овие маки низ целиот свет не само што откриваат дека Бог му суди на грешното човештво, туку и потсетуваат на најавеното второ доаѓање на Христос и конечниот суд. Колку често нашиот Господ Исус ни ветува во Откровение, “Да, ќе дојдам скоро!“ Ова е “блажената надеж“ (Тит 2:13).
5) ЦРКВАТА – Највоочливиот ефект на коронавирусот врз црквата е нарушувањето. Неделните литургиски богослужби, часовите за катехизам, библиските студии и т.н. се или откажани или значително ограничени секаде низ светот. Надвор од сопствениот дом речиси и да нема сослужба на светците преку физички контакт и средби лице во лице. Крштевките и причеста се во фаза на застој.
Наместо да одат на богослужби, многумина мораат да користат ЦД-а, ДВД-а, касети или книги. Други имаат пристап до служби претходно снимени или пренесени во живо на интернет. Моментално Заветната реформирана протестантска црква (CPRC) пренесува во живо на интернет, преку видео и аудио, молитва, читање и експозиција на Словото од нашата црковна зграда во исто време со редовните Неделни богослужби: 12ч. и 19ч. (по Македонско време, достапно на: cprc.co.uk/live-streaming). Го очекуваме со надеж денот кога ќе го запееме Псалмот 122:1 повторно заедно: “Да одиме во домот Господов!“. Во меѓувреме, да се молиме едни за други и да содружуваме заедно, дали по телефон или преку интернет.
6) СПАСЕНИЕТО – Што се однесува до примената на искупувањето Христово за нас, тоа е апсолутно милостиво и сигурно спрема непроменливата волја на Бога, кој “оние што ги предопредели, тие и ги повика, и кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави.“ (Рим. 8:30).
А што прави Јехова со Неговите помирени и регенерирани избраници низ коронавирусот? Божествената цел и резултат за Неговите светци во овој живот – дури и сега! – се исти и секогаш такви ќе останат: да нѐ направи “сообразни со ликот на Неговиот Син, та Тој да биде првороден меѓу многуте браќа.“ (Рим. 8:29)!
Како тоа нашиот Отец го постигнува низ оваа пандемија, кога проповедите на Словото и причеста на (физички) собраните верници и нивните деца за јавна богослужба на денот Господов се привремено забранети? (За време на КОВИД-19, Псалмите 42, 43, 63, 84, 137 и т.н. се позначајни).
Се присетуваме дека постојат поинакви начини кои Бог ги користи во вакви времиња: искрена молитва (дали молитвениот дух ти е активен?), читање на Светото Писмо (можеби ова ти е запоставено?), учење на Реформираните книги (за кои можеби имаш малку време) и т.н. Јехова милостиво ги користи духовните начини, заедно со нашите тековни искушенија, зашто “знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро“ (Рим. 8:28)!
Затоа да не се грижиме за иднината, туку да веруваме на милостивиот небески Отец (Мат. 6:24-34, Фил. 4:6-8), кој ја користи оваа чума, како што претходно го користел страшниот глад, за спасение на Неговите луѓе и трајно “добро“ (Созд. 50:20).