Преч. Ангус Стјуарт
(Делумно изменета верзија од написот првпат објавен во Британскиот реформиран весник)
Доктрината на Светото Писмо е витално значајна за сите Христијани, затоа што преку инструменталноста на Словото (проповедано и читано) Бог нѐ спасува и прави да растеме во благодатта која ја имаме во Исус Христос. Само преку Светото Писмо имаме знаење за Бог во Исус Христос.
Имајте предвид дека:
-
Ако Стариот Завет не е вистинит, не е ниту Новиот (Евр. 1:1-2)
-
Ако Библијата е погрешива, Бог е погрешив.
-
Ако пишаното Слово на Бог е бесмислица, исто така е Отелотвореното Слово Божје.
-
Ако верата по Светото Писмо (Јуда 3) е збркана, исто е и твојата верата.
Сега ќе погледнеме што Библијата тврда за самата себе.
(I) Библијата е Божјо Откровение
(1) Дали е откровението возможно?
Тие што не веруваат тврдат:
(а) Бог не би сакал да му се открие на човекот.
Но зошто тогаш Бог го создаде човекот? Пред падот Бог му се откри и беше заедно со човекот во рајската градина. Следствено Бог ни демонстрираше од самиот почеток дека сака да се открие себе си на луѓето. А сега Божјото откровение за нас е Светото Писмо.
(b) Човекот не би можел да го разбере откровението на Бог.
Вистина е дека ниеден човек не може да го разбере Бог во Неговата целост (Јов 11:7), зашто тогаш и самиот човек би бил Бог, што е апсурд. Затоа мора да се каже дека ниеден човек (ниту ангел) не го знае Бог во целост. Бидејќи ова спознание не е целовито, не може да биде вистинско знаење. Покрај тоа, нашата способност да го разбереме откровението на Бог доаѓа од Неговата бесконечна мудрост. Тој посака да се прикаже и знае како да комуницира со едно конечно суштество како што е човекот, кое самиот Тој го создал. Лесно ни е да разбереме како возрасните им ги објаснуваат нештата на децата. Со оглед на тоа што Бог е бесконечно супериорен по мудрост во однос на човекот, наместо тоа да биде препрека, всушност го помага откровението.
(2) Дали е откровението неопходно?
Да. Бог мора да ни се открие или никогаш не би го спознале. Ако Тој одреди да остане сокриен, кој би можел да го пронајде? Исто така, по падот човекот е грешен и неспособен да го спознае Бог преку сопствено барање или теоретизирање. Следствено, неопходно е самиот Бог да ни се открие.
(II) Библијата е инспирирана од Бог
Зборот “инспирирана“ (спореди со 2 Тим. 3:16) значи буквално “вдахновена од Бога.“ Самиот Бог го издиша Светото Писмо како Негово Слово.
(1) Инспирацијата е пленарна (апсолутна, целосна). Светото Писмо не признава различни квалитети на инспирација. Сите делови од Светото Писмо не се еднакво корисни за духовен раст, но сите делови се еднакво инспирирани од Бога. Кога Христос и Неговите апостоли цитираа од Стариот Завет, тие не правеа разлика меѓу петте книги на Мојсеј (Создавање – Повторени Закони) или тие на Пророците како различни по степен на авторитет, бидејќи тие сите се Слово Божје. Бидејќи “Целото Писмо е од Бога вдахновено“ (2 Тим. 3:16), библиските учења за историјата, географијата и науката се вклучени и не се обична “теологија.“ Ако Бог не ни ја даде вистината во врска со земните нешта, како ќе му веруваме дека ќе ни ја даде таа за небеските нешта (сп. со Јован 3:12)? И ако одредени делови од Библијата не се инспирирани, кој ќе ни покаже кои делови се?
(2) Инспирацијата е вербална. Секој збор од автографите (оригиналните ракописи) е вдахновена. Ова е од неопходност, зашто Божјите пишани откровенија се содржат од пропозиции кои се комуницираат преку зборови. Исто така тоа разумно следи од праксата кога Новиот Завет го цитира Стариот Завет. Во Матеј 22:32, аргументот на Христос се потпира на фактот дека Божјите зборови во Излез 3:6 не се во минато време. Во Галатјаните 3:16, Павле ја докажува својата поента посочувајќи дека Создавање 12:7 зборува за “семе“ (еднина), а не “семиња“ (множина). Некои тврдат дека Бог само ги инспирира мислите на авторите, но Светото Писмо ги пишува “зборовите“ (Мат. 4:4, 2 Петар 3:2, Јуда 17). Во секој случај, како би ни се пренеле овие идеи ако не преку зборови?
(3) Инспирацијата е органска. Бог ги користеше луѓето да го напишат Светото Писмо, но не механички (како што се користи машина за пишување), туку како луѓе со предодредени дарби и способности. 2 Петар 1:21 ни кажува дека апостолите и пророците (со нивните од Бога дарувани таленти и стилизам) пишуваа под вдахновение на Светиот Дух. Затоа, тие нешта што ги напишале се од Бога, управувани од Неговата волја. Бог не дозволил волјата на грешниот човек да ја измени или грешно запише Неговата порака.
(III) Библијата е непогрешива
Оригиналните ракописи се без грешка. Ова е несомнено така бидејќи:
(1) Библијата е Словото Божјо. Ако таа содржи грешки, тие се грешки на Бог во Неговиот говор. Тоа би значело дека Бог не е совршен, што е апсурд.
(2) Библијата е откровение на Бог. Бог од небесата се открива себе си преку Светото Писмо. Навреда е на Неговата мудрост да се мисли дека Бог може да направи грешка, а и на Неговата вистинитост дека Бог може да каже лага (сп. со Тит 1:2).
(3) Самата Библија тврди дека е совршена (Пс. 19:7). Исус рече, “Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17). Самиот Тој беше вистина (Јован 14:6) и никогаш не кажа лага. Бидејќи Библијата е совршена, таа е непогрешива. Христос учеше во Јован 10:35 – “писмото не може да се урне“ – дека е невозможно Светото Писмо да е погрешно.
(IV) Библијата го има авторитетот од Бога
(1) Дека Библијата е со Божествен авторитет следи од логичното разгледување низ деловите (I), (II) и (III).
(2) Дека Библијата е со Божествен авторитет докажано е од следниот силогизам: Бог има целосен авторитет. Светото Писмо е Боговдахновено. Следствено, Библијата е авторитетното Божјо Слово.
(3) Дека Библијата е од Божествен авторитет е во учењата не следните библиски референци. Исаија 1:2 изјавува, “Чујте небеса и слушај земјо, зашто Господ вели“ (сп. со Михеј 1:2). Исто така го наоѓаме во изјавата: “Така вели Господ,“ и во Христовите зборови: “Вистина ви велам.“
(4) Дека Библијата е со Божествен авторитет е докажано во цитатите на Стариот Завет низ Новиот Завет како зборови на Светиот Дух (Евр. 3:7, сп. со Пс. 95:7, потоа Евр. 10:15, сп. со Ерем. 31:33). Како Бог, Светиот Дух зборува со Божествен авторитет.
(5) Дека Библијата е со Божествен авторитет е докажано во Новиот Завет каде Божјиот говор е цитиран како искажување на Свето Писмо (Гал. 3:8, сп. со Соз. 12:3, потоа Рим. 9:17, сп. со Из. 9:16). Светото Писмо (кое тогаш сеуште не постоеше) не му говореше на Авраам, туку самиот Бог (Соз. 12:3). Слично Бог преку Мојсеј даваше објави до Фараонот (Из. 9:16). Од цитатите на Павле (Гал. 3:8, Рим. 9:17) во овие два текста (Соз. 12:3, Из. 9:16) ја гледаме навиката да се идентификува текстот на Светото Писмо со говорот на Бог.
(6) Дека Библијата е со Божествен авторитет е докажано во Новиот Завет каде за Бог се говори исто како Тој да е Светото Писмо (Мат. 19:4-5, сп. со Соз. 2:24, потоа Дела 4:25-26, сп. со Пс. 2:1-1-2). Христос (Мат. 19:4-5) и Петар (Дела 4:25-26) цитираат зборови од Стариот Завет како да се кажани од Бога, но не е Бог во чија уста се ставаат овие изреки во текстот на Стариот Завет. Следствено, зборовите на Светото Писмо се Божји зборови кои го поседуваат авторитетот на самиот Господ Бог.
(7) Дека Библијата е со Божествен авторитет се гледа по финалноста со која Христос го цитира Светото Писмо како авторитативно. Тој постојано посочува, “Напишано е“ (Мат. 4:4, 7, 10, 21:13, 26:31, Марко 7:6, 9:13, Јован 6:31, 45, 10:34), исто како и апостолите (Дела 1:20, 7:42, 15:15, 23: 5, 1 Кор. 1:19, 1 Петар 1:16). Пресудата на Светото Писмо е конечна, не може да се спори, “писмото не може да се урне“ (Јован 10:35).
Бидејќи “Библијата е ништо друго туку гласот на Тој што седи на тронот“ (Дин Бургон), тоа е правило во кое мора да веруваме и кое мораме да го живееме (2 Тим. 3:15-17, Пс. 19:7-9).
(V) Библијата е посебно зачувана од Бога
Господ од небесата специјално ја зачува Неговата книга во која ги запиша вистините за спасението преку Неговиот Син (Јован 20:31). Од проповедта Христова гледаме дека:
(1) Текстот на Стариот Завет во општа употреба од Евреите за време на Христовата земна служба беше целосно доверлив. Исус рече, “дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!“ (Мат. 5:18). “Но полесно е небото и земјата да поминат, отколку една точка од Законот да падне“ (Лука 16:17).
(2) Истата Божествена промисла која го зачува Стариот Завет ќе го зачува и Новиот. Имплицирано е во “големата комисија“, која важи за целата Христова црква низ вековите, ветувањето дека црквата секогаш ќе го поседува непогрешиот запис на Исусовите зборoви и дела. Христос изјави, “Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат“ (Мат. 24:35, Марко 13:31, Лука 21:33).
(VI) Библијата има многу други одлични карактеристики
(1) Библијата е вечна. Светото Писмо е напишано за време на дефинирани историски периоди, но тоа го има своето потекло во вечниот ум на Бога. “Твоето слово засекогаш е утврдено на небото“ (Пс. 119:89). Затоа тоа е релевантно за сите времиња и народи.
(2) Библијата е разбирлива. Светото Писмо е јасно и способни сме да го разбереме. Тоа е споредено со светлината (Пс. 119:105) и може да се разбере дури и од деца (2 Тим. 3:15). Ова не значи дека нема потешки делови во Библијата (сп. со 2 Петар 3:16), туку дека Светото Писмо може да се разбере на нормален начин. Бидејќи Бог ни го даде Неговото Слово, кое е разбирливо, Христос ни заповеда да го учиме како би го знаеле Него подобро (Јован 5:39). Исто така мораме да се молиме на Бога да ни го оживее умот за подлабоко разбирање на Неговото Слово (Пс. 119:18, 27, 34).
(3) Библијата е чиста. Како што Бог ни го дал, Светото Писмо е чисто. Давид кажа, “Зборовите на Господ се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено“ (Пс. 12:6).
(4) Библијата прочистува. Светото Писмо, како чисто Слово Божјо, има прочистителен ефект врз Христијаните. Тие се начинот преку кој Бог ја прочистува црквата. На соодветен начин Христос се помоли, “Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17).
(5) Библијата е доволна. Се што е неопходно за наше спасение е откриено во Библијата (Јован 20:30-31, 2 Тим. 3:15-17). Семудриот Бог ни го даде Неговото Слово и ниту една дополнителна книга или ново таканаречено “откровение на Духот“ или било што друго додадено или еднакво на Светото Писмо (Отк. 22:18).
(6) Библијата е една. И Стариот и Новиот Завет се едно Слово на Бога. Мојсеј, Давид, пророците, Петар, Павле и Јован пишуваа за истиот Бог (Евр. 12:29, сп. со Повт. 4:24) и за истиот начин на спасение (сп. со Рим. 4). Затоа Христос кажа, “во свитокот на книгата за мене е напишано“ (Пс. 40:7, Евр. 10:7) и “Писмата… токму тие сведочат за Мене“ (Јован 5:39). Ние, како двајцата на патот за Емаус, преку просветлувањето на Духот го гледаме едниот ист Христос низ целата Библија.
(7) Библијата е самоовластувачка (αὐτόπιστος). Христијаните знаат дека тоа што Божјото Слово нѐ учи за нас, за паднатото човештво, за светот и т.н. е вистина. Совпаѓањето и хармонијата помеѓу различните книги, возвишените учења и нивната крајна цел – да ја дадат целата слава на Господа – докажува дека е самото Слово Божје. Довербата на верникот дека Светото писмо е од Бога, доаѓа од внатрешното сведоштво на Светиот Дух, кое сведочи преку и со Неговото Слово во нашите срца (1 Кор. 2:4-5). Ова уверение се ужива преку послушноста кон заповедите на Отецот во Светото Писмо, како што Христос кажа, “и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам“ (Јован 7:17).