Преч. Карл Хак
Која е твојата утеха во животот? А во смртта?
Утехата е нешто што секој го сака во својот живот. Да се има мир во умот, да нема мизерија, да има задоволство и внатрешен мир – секако секој го посакува тоа!
Но малкумина имаат утеха. За некои утеха е кога сите нешта во животот течат глатко, кога имам се што посакувам да имам, добро здравје и малку проблеми. Други ќе речат дека утеха е способноста да не се дава значење на негативните нешта, да се има силна волја, да се вкуси горкото заедно со слаткото. Сепак некои ќе речат дека утеха е да се избега од реалноста на животот, дали преку одмори, лекарства или алкохол.
Утеха е нешто што ни треба. Земи за пример некој кој е во болница и страда од болки како последица на рак. Кога би го прашале тој човек “Која е твојата утеха?“, можеби ќе одговори дека неговите пријатели го воодушевиле со подароци и посети, или дека може да си ги дозволи најдобрите доктори за своите пари. Што би му кажале како утеха на овој човек: “Работите секогаш можат да бидат полоши“? “Разведри се, ќе има подобро утре“?
Земи друг пример: погребален дом. Како би ги утешиле луѓето таму? Некои велат дека утеха е сеќавањето на сите добри нешта кои покојниот ги направил низ својот живот. Други ќе речат смртта е природна појава и единствено важно нешто е да се ужива во животот додека го имаме. А некои трети, овиснати со тага, искрено ќе признаат дека не може да се најде утеха во овој живот, нема место без плач. Какви утешителни зборови би му кажале на тоа лице така што размислува?
Спротивно на сите световни идеи за утеха и сите човечки обиди за тешење на лица во голема жалост, Христијанинот, без разлика каков и да е сегашниот живот, ја има единствената утеха и во животот и во смртта. Неговата утеха се темели на Библијата, Словото Божјо. Може да се каже и дека Библијата е Словото Божјо за утеха на Неговите луѓе. Пророкот Исаија е заповедан да го шири Словото Божјо во Исаија 40:1-2: “Утешувајте го, утешувајте го Мојот народ, вели вашиот Бог; говорете му нежно на Ерусалим, и известете го дека времето на неговата казна се исполни дека за неправдата му е платено зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови.“ Тука утешителен збор е дека Ерусалим е простен за престапите и војната против него е готова, зашто Бог му ги прости гревовите. Исаија ги повторува истите смирувачки зборови во 52:9, “Веселете се, пејте заедно, урнатини ерусалимски, зашто Господ го утеши народот Свој – го откупи Ерусалим.“ Тука повторно Светото Писмо ја идентификува утехата заедно со откупувањето, т.е. простувањето на гревовите како милост Божја. Апостолот Павле во 2 Коринтјаните 1:3-4 ни ја дава истата утешителна порака: “Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на милосрдноста и Бог на секоја утеха. Тој нѐ утешува при секоја наша неволја, та и ние да можеме да ги утешиме сите оние кои се во неволја со онаа утеха со која Бог нѐ утешува нас самите!“ Тука Бог е идентификуван како “Бог на секоја утеха“, т.е. секоја утеха доаѓа од Него и може да се пронајде единствено во заедништво со Него. Тој е оној кој може да нѐ утеши во сите наши неволји. А целта зошто Бог ни дава утеха е за ние да можеме да ги утешиме другите кои се во неволја.
Ако ги сумираме сите учења за утехата во Библијата, би ја направиле следната дефиниција: Утеха е знаењето дека јас не припаѓам на себе, туку и во тело и во душа сум на Исус Христос, кој ме откупи со Сопствената крв за моите гревови бидат простени и да добијам живот вечен.
Ете тоа е утеха! Колку е чудесна! Дека јас и во живот и смрт сум Христов, или како што Римјаните 14:8 пишува: “било да живееме или да умираме, за Господ живееме и за Господ умираме, – ние Му припаѓаме на Господ. Според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме.“
Оваа утеха која доаѓа од Бога се состои од два дела. Првиот, Христијанска утеха е да се знае дека јас не припаѓам на себе. Јас не сум ниту независен, ниту самодоволен. Павле пишува во 1 Коринтјаните 6:19, “Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе?“ Тоа значи дека чедото Божјо не се потпира врз себе или некој производ на човечката мудрост за своја утеха. Ова е, се разбира, спротивно од тоа што сакаме да го мислиме. Во гордоста понекогаш замислуваме дека нашиот сопствен ум или сила ќе не извлече од неволјите. Но Христијанската утеха е во исповедта “Јас не припаѓам на себе.“ Зарем не гледаш, ако си припаѓам на себе, тогаш сум лично одговорен за огромниот долг на гревови акумулиран и кој никогаш не би можел да го избришам, напротив дневно тој само се наголемува.
Како второ, вистинска утеха е знаењето дека припаѓам на мојот верен Спасител Исус Христос. Ова е вистина бидејќи Исус ме откупи со Неговата крв пролеана на Голгота, каде не откупи од гревовите и ме направи Негова своина. 1 Петар 1:18-19 толку убаво ова го кажува: “знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос.“ Затоа што Исус милосрдно ме откупи со Својата крв на крстот, јас му припаѓам само нему.
Што значи тоа да му припаѓаш на Исус?
Да припаѓам на Христос значи дека сум соединет нераздвојно со Него преку вера. Тоа значи дека јас сум Негова своина, Тој ме поседува и е одговорен за мене, заедно тело и душа, во живот и смрт, времено и бесконечно. Тоа повлекува Негова одговорност за секој мој дел, затоа Тој мора да ме сочува и води кон вечна слава во Неговото царство. Исто така, тоа значи дека Тој ме владее со Неговиот Свет Дух и со Неговата благодат, а како мој Господ Тој ми дава сѐ што ми е потребно за тело и душа. Следствено, можам во целост да се потпрам на Него, отфрлајќи ја секоја грижа, знаејќи дека Тој се грижи за мене (1 Пет. 5:7). Припаѓајќи му на Исус можам да го кажам тоа што Павле во Галатјаните 2:20 го рече, “и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене.“ Сите нешта се под контрола на Христос, кој е од десната рака на Бог и сите настани во мојот живот се користат од Христа за мое добро и духовна благодат. Сите проблеми и грижи на сегашниот живот не можат да ме здробат или да ја раскинат блажената врска со Исус Христос, што го предизвика Павле да ги искаже преубавите зборови во Римјаните 8:38-39, “Зашто сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, 39ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ.“
Примети две нешта како заклучок. Прво, дека оваа утеха е ексклузивна. Нема ништо на светот што може да те утеши. Ова не е највисоката утеха, или најдобрата утеха или главната утеха. Ова е единствената утеха. Утеха не е дека припаѓам на Христа и дека имам здравје, богатство и сила. Утеха не е дека припаѓам на Христа и имам добра осигурителна полиса. Да имам било што покрај оваа ексклузивна утеха во Христа е како да ја немам воопшто. Единствената утеха е да му припаѓам целосно на Исус во живот и смрт.
Како второ, ова е исто така и доволна утеха. Доволна е во секоја прилика на животот, како и во страшната смрт. Небитно какво зло може да се случи во мојот живот, кога припаѓам на Христос Тој ме утешува и ми дава благодат од истото. Утеха е да знам дека нема никогаш да отпаднам од рацете на Исус и дека сите нешта служат на некаков начин за мое добро. Не, не секогаш знаеме како тоа се одвива, ниту секогаш можеме да објасниме како лошото води кон наше добро. Кога злото ќе не спопадне, утехата е да се знае дека Бог го прати за наше добро, а преку Христа и благословот да го издржиме со благодарност. Ова е тоа што Светиот Дух го кажува во Римјаните 8:28: “А знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро.“
Дали твојата единствена утеха ја пронаоѓаш во ова, да не си припаѓаш на себе, туку на верниот Спасител Исус Христос? Тогаш искрено живеј за Него со благодарност во сите денови од твојот живот!